
Три причини за негласањето во Собранието
Не една, не две, дури три причини има што спикерот Талат Џафери не го стави на гласање предлогот за одземање на имунитетот на неговиот претходник Трајко Вељаноски. Прво: истекол рокот од три дена, второ: некои пратеници, првенствено Мухамед Зекири, дофрлале од место, и трето: Комисијата со која претседава Павле Богоевски немала конкретен предлог до Собранието. На редовниот брифинг, опсипан со безброј новинарски потпрашања зошто најави па не објави гласање, Џафери рече дека седницата морал да ја закаже, но немал што да стави на гласање, иако правната логика на комисискиот извештај е да нема одземање имунитет. Тврди дека не се раководел од лични чувства кон Вељаноски.
Имам милион причини за лични чувства, но функцијата не ми дозволува. Мене ми се пријатели сите 120 пратеници. Јас сум должен да го штитам интегритетот на институцијата. За изјавата на обвинителката Русковски немам коментар, но одговорноста за евентуално бегство секако е кај Судот, рече Џафери.
Обвинителката Вилма Рускоска за Телма изјави дека доколку осомничениот избега од правдата, виновни ќе бидат пратениците. Во неделата, седницата закажана за 21 часот, заврши без епилог нешто по 24 часот.
Вчера, Џафери го известил Судот дека Собранието не му го одзело имунитетот ниту на Вељаноски ниту претходно на Љупчо Димовски. За екс министерот Димовски, Собранието почна да расправа пред 23 дена, но до гласање никогаш не стигна, иако Комисијата имаше конкретен предлог за прифаќање на судското барање. За овој случај, Џафери има поинакво објаснување: во Собранието немало доволно пратеници од мнозинството кои би гласале за одземање на имунитет! На тој начин, пратениците два пати не можеа да гласаат за или против одземање имунитет на двајца нивни колеги.
Соња Николовска