
Три посебни протести за 1 Мај – Денот на трудот
Три посебни, наместо еден заеднички протест ќе се одржат во Скопје на годинешниот Ден на трудот. Покрај Сојузот на синдикати на Македонија, протести најавија и независните синдикати и партијата Левица.
Сите ќе почнат еден час пред пладне, но на различни локации. Различни им се и патиштата по кои ќе се движат иако целта е иста – повеќе работнички права.
ССМ ќе тргнат од пред нивната зграда во центарот на градот, а преку Собранието, ќе се движат кон владата. Маршот на Конфедерацијата на синдикални организации и независниот полициски синдикат, ќе почне пред МРТ, а маршрутата засега им е непозната.
Собирното место на Левица е Југодрво. Сите бараат подобар закон за работни односи и регрес за годишен одмор за работниците, а се противат на зголемувањето на старосната граница за пензионирање.
Независните синдикати бараат и прекин на работата на извршителите. Од Левица, пак, бараат и договорите на определено време да бидат на максимум шест месеци. Работното време да се намали на седум часа, а породилното отсуство да се зголеми на 12 месеци.
На протестите се повикани сите граѓани, особено работниците, наместо на скара, 1-ви мај да го поминат на протест и да кажат стоп на политичкиот театар на богатите.
Далиборка Демјанска