Три пати поскап е патот на пратеникот отколку на граѓаниниот

Исти километри, исти патарини, исти дупки на патиштата, иста рута. Навидум се е исто но сепак е многу различно доколку зад воланот е граѓанин или пратеник. Пет, десет,петнаесет па дури и дваесет илјади евра на основ на патни трошоци инкасирале народните избраници за само 12 месеци. Системот на наплата е регулиран со закон. Телма истражуваше, што предвидува законот и  дали сумите се реални? Колку патот навистина го чини граѓанинот а колку пратеникот?

Ние патуваме до Ресен и назад за вкупно 1.892 денари вклучувајќи ги и патарините.

До Ресен и назад ние поминавме вкупно 410 километри, што пресметано по формулата која важи за народните избраници, значи  дека на Рабаџиевска и следуваат 5.125 денари и 380 денари за патарина. Вкупно 5.500 денари што е тројно повеќе од сумата која ние ја потрошивме.

Според законот заплати и други надоместоци секој пратеник добива 20 отсто од цената на литар гориво по изминат километар. Сега кога цената на горивото е 62.5 денари, пратениците за секој изминат километар ќе добијат 12.5 денари што значи дека 100 изминати километри за пратениците изнесува 1.250 денари.

Колкави суми подигаат пратениците на име патни трошоци зависи и од висината на цената на горивото.

Преку слободен пристап до информации од јавен караткер ги добивме патните трошоци за секој пратеник и секој месец одделно за периодото ноември 2017 – ноември 2018 година. Она што може да се забележи е дека на почетокот сумите се повисоки а тоа се должи на рекордните цени на гориво и фактот што во тој период законот предвидуваше 30 отсто од цената на литар гориво по изминат километар.

По острите реакции и критики на јавноста во август минатата година беа донесени законски измени со кои процентото се спушти на 20 отсто.

Според официјалните податоци кои ги добивме од за 12 месеци во 2017 и 2018 година на 81 пратеник се исплатени вкупно 34 милиони денари односно 558 илјади евра за патни трошоци и патарина.

Најмногу вкупно и по месец има подигнато пратеничката Бети Рабаџиевска Наумовска, 1,2 милиони денари и 142 илјади во јуни минатата година. Покрај пратеничката функција таа е член и во четири Собраниски комисии,а според Собранискиот календар тој месец имало дванаесет седници на Собранието и комисиите во кои таа членува секако доколку присуствувала на сите.

Второто и третото место веќе стандарно се резеврирани за Алија Камберовски од ПЕИ и Мира Стојчевска од СДСМ.
По нив следуваат Анета Симеска Димоска, Сурија Рашиди, Агим Шаќири, Хари Локвенец, Милева Ѓоргиева, Зоран Илиоски и Кети Смилевска. Овие десетмина пратеници имаат подигнато вкупно 9,2 милиони денари или 150 илјади евра за патни трошоци.

Пратеници како решение предложија опција да се изнајми стан во Скопје  а кирија во висина до 300 евра да биде покриена од Буџетот но овој предлог не наиде на речиси никаков интерескај народните избраници.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ