
Три опожарени куќи во подметнат пожар во Битола
Една куќа изгоре до темел, а две соседни се делумно опожарени во пожар што синоќа околу 22 часот го подметнал битолчанец со запалива течност во куќата на брат му на битолскиот Баир. Соседите раскажуваат дека дека на улицата Љубојно во Битола се случувала вистинска драма, а во опасност биле повеќе жители, во густо населеното маало. Без покрив над главата остана и едно семејсво со три малолетни деца. Братот претходно се заканил дека ќе jа запали куќата, по што синоќа го подметнал пожарот.
„Преку чатија ги пренесов жената, децата, внучињата. Од другата страна има улица, таму бегавме преку чатија“, изјави еден сосед
„Само што си легнавме, нешто силно пукна. Син ми излезе надвор, рече да бегаме горат куќите“, рече сосетка.
Жителите се пожалија дека противпожарната единица доцнела, а во меѓувреме сите соседи го гаснеле онот. При интервенцијата противпожарното возило удрило во еден од соседите и го повреди.
„Цела улица, цела маала гасеше. Пожарните дојдоа после еден час“, рече сосед.
Од територијалната противпожарна единица велат дека стигнале веднаш по повикот, но пожарот бил во поодмината фаза. И покрај недостигот на кадар и опрема, направиле се во рамките на нивните можности. Се пожалија дека за време на интервенцијата биле изложени на вербални напади и попречувани во извршувањето на работата од жителите на битолскиот Баир.
„Еден од соседите ја отвори вратата од противпожарното возило, додека возачот враќаше во рикверц. Зошто и со која намера не знам. Во тој момент со вратата го повреди човекот. Цело време бевме под напади и закани. Јас ова го работам 26 години, вакво нешто не см видел“, изјави Јоше Влинтовски, пожарникар.
Полицијата синоќа приведе едно лице за кого се претпоставува дека го подметнало пожарот. Од таму велат дека се работи на расчистување на случајот и најверојатно нему ќе му биде поднесена кривична пријава за предизвикување општа опасност.
Емилија Мисирлиевска