Три неуспешни обиди на судскиот курир да го најде Груевски

Судскиот доставувач од сабајлево на три пати се обидел на адреса каде се води по лична карта да му го достави решението на Никола Груевски дека не му се одложува затворската казна. Но, на домашната адреса никој не отворал врата. Од судот велат дека до крајот на работното време до 15.30 часот, ќе се обидуваат да го достават решението, и ако не успеат, попладне ќе побараат полициска асистенција да се лоцира Груевски. Ако ни преку МВР не успеат да го пронајдат, од утре ќе биде распишана потерница, бидејќи веќе че има статус на бегалец.

А во меѓувреме, од затворот Шутка до судија за извршување на санкции веќе испратриле известување дека Груевски не се јавил во затворот на издржување на казната затвор од две години.

Претходно, како опција се споменуваше решението да му биде предадено на Груевски ако тој се појави на рочиштето за предметот „Титаник“, но тоа наместо за денеска е презакажано за в среда.

Неговите адвокати се очекува денеска да се повикаат на вонредниот правен лек, кој се уште не доставен до Врховниот суд и на одлуката на Комисијата за дискриминација дека Груевски бил дискриминиран.

Куририте од Кривичниот суд во петокот веднаш по одлуката на Кривичниот совет три пати се обидоа да го најдат Груевски за да му го достават решението. Тој оттогаш не се огласи во јавноста, а не се појавуваше ниту во собраниските комисии каде викендов се усвоија нацрт амандманите за измена на уставот, не беше активен ниту на социјалните мрежи каде често ги искажуваше ставовите.

Груевски за набавката на луксузниот мерцедес во МВР доби двегодишна затворска казна за кривично дело примање награда за противзаконито влијание во предметот „Тенк“ воден од СЈО. Собрнаиска комисија предложи да му се одземе мандатот, но за тој предлог не гласаа 80 колеги, а Груевски остана пратеник.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ