Три кривични пријави заради Законот за јазиците

„Злоупотреба на службената должност“, „Злосторничко здружување“ и „Саботажа“ се трите кривични дела што ги извршиле спикерот Талат Џафери, заменик генералниот секретар на Собранието Неџбели Ибраими и директорот на „Службен весник“ Мартин Костовски, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ. Им поднесуваат кривични пријави за да не остане неказнето, како што велат,  „самоволието во носењето штетен закон за двојазичност на насилнички и недемократски начин“.

Според Јанушев, тројцата именувани го рушат уставниот поредок на државата и треба да сносат одговорност. Во понеделник, партијата ќе поднесе и Иницијатива пред Уставниот суд и ќе побара изрекување времена мерка за стопирање на имплементацијата на законот.

Професорот Јове Кекеновски во име на Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ веќе се обрати до Уставниот суд. Укажува дека Законот, објавен без потписот на Иванов, е резултат на правно насилие и дека е во спротивност со начелото за владеење на правото.

Законот за јазиците беше објавен на 14-ти овој месец, точно 10 месеци по донесувањето. Примената почна веднаш, а двојазичните натписи на институциите и печатите ќе бидат задолжителни по шест месеци. Од друга страна, за реакција на Уставниот суд, најчесто се чека неколку месеци по поднесувањето на иницијативите.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ