
Три и пол часа траело прикривањето за незаконското прислушкување
Три и пол часа траело прикривањето на трагите за повеќгодишното прислушкување во УБК. Ова го пишува во пресудата од предметот на СЈО „Таргет-Тврдина“, во кој Е. Џ. е осудена на условна затворска казна. Агенцијата Макфакс денеска објави детали од пресудата во која осудената како началник на „Единицата за телекомуникации“ се вели дека по налог на бегалецот, Горан Грујевски, го сторила делото и ги бришела податоците.
„Податоците од регистарот на активности ги отстранила од северите и ги експортирала во соодветна датотека на систмот, а датотеката ја отстранила од системот на надворешен мемориски уред, со што ги прикрила трагите од кривичното дело“, пишува во пресудата на кривичниот суд која ја објави Макфакс.
Според информациите ова се случувало на 28 јануари 2016 година кога осудената ги архивирала податоците од три интермедијациски LI IMS сервери, на T-Mobile, на One, и на ВИП. На овие системи се наоѓале електронските траги и податоци за телефонските броеви кои биле предмет на следење на комуникациите. Но според она што го објавува Макфакс, истиот ден, таа го повикала обвластеното лице од „Ериксон“, кое е задолжено да ги сервисира серверите, се распрашувала за архивирањето податоци.
„Побарала да и биде демонстрирана постапката за архивирање, под изговор дека УБК треба да ги архивира податоците, иако во тој момент, таква потреба не постоела. Откако увидела дека се отстранети податоците од серверите, со што се прикриваат електронските траги за да не бидат откриени сторителите и стореното кривично дело поврзано со незаконското следење на комуникациите, во 20:51 часот ја напуштила зградата.“
Инаку во текот на постапката токму обучувачот на Ериксон бил искористен како сведок. Обвинетата е осудена на шест месеци затвор ако во следните 2 години не стори друго кривично дело. Таа ја признала вината и се покајала за стореното и изјавила дека била присилена од нејзините претпоставени. За останатите обвинети меѓу кои екс началникот на петтата управа, Горан Грујевски, колегата, Никола Бошкоски, поранешната министерка Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и шефот на неговиот кабинет, Тони Јакимовски судењето е закажано за 27 март. Сепак за бегалците Грујоски и Бошковски се одолговлекува екстрадицијата откако вчера Врховниот суд во Атина, по третпат ја одложи седницата за одлуката по жалбата.
Билјана Николовска