
Треба ли двојни потписи за акции против криминалци – Чулев повторно бара помош од ДИК
Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев по вторпат побарал појаснување од Државната изборна комисија за функционирање на началниците и нивните дополнителни заменици во согласнот со законските одредби за техничка влада.
Чулев назначи 14 нови раководители на оддели во МВР кои веднаш добија дополнителни заменици. Чулев бара ДИК да се изјасни дали сите одлуки во тие оддели на МВР треба да се носат со врзани потписи или пак врзани потписи се потребни само за одлуките поврзани со изборите.
Претходно директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски преку телеграма до сите единици во МВР наредил да се почитуваат само одлуките со врзани потписи онаму каде има и началник и дополнителен заменик-началник.
Бидејќи сите органи на МВР покрај изборните имаат и голем број на други обврски поврзани со превенција и сузбивање на криминал, а двојните потписи може да ја успорат редовната активност на полицијата, Чулев бара ДИК да пресече.
Претходно ДИК по барање на Чулев се прогласи за ненадлежен да одлучува за назначувањето на новиот началник на СВР Скопје Ристе Ставревски. Тоа назначување на Ставревски не беше потпишано и прифатено од дополнителната заменичка Славјанка Петровска, бидејќи Ставревски го има во бомбите каде зборува за изборни партиски активности.
Досега се уште не е реализиран ниту трансферот на новиот помошник министер на одделот за комуникации, информации и индформациска безбедност кој се уште не добил дозвола од раководството на Агенцијата за разузнавање да премине во МВР како дел од промените поврзани со техничката влада.