Транспортот на стоки, и покрај мерките за коронавирусот, е нормализирана

Транспортот на стока се нормализира, воведени се и нови процедури за превоз на стока како во домашниот така и во меѓународниот транспорт согласно настанатата состојба со коронавирусот.  Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески информираше дека е постигнат договор со сите надлежни институции за тоа дека, секоја транспортна компанија за влез и излез од земјата од утре мора да поседува дозвола која се однесува на професионални возачи на товарни возила а која ќе ја издава Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

„Утврдени се и нови процедури за постапување во синџирот на утовар – растовар и превоз на стока во внатрешниот сообраќај. Овие процедури се однесуваат на работењето на магацинските делови за прием и испорака на стока, на царинските и граничните премини, на шпедитерските услуги и директно на возачите што го вршат превозот на стока во внатрешниот и меѓународен сообраќај”, изјави Сугарески.

Директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски информираше дека движењето на стока продолжува непречено да се спроведува и дека се преземени сите  мерки за олеснување на царинските постапки.

„Имено, за времетраење на полицискиот час дозволено е движење на транспортни средства во рамките на транзитна постапка со транзитен придружен документ Т1, извоз на стоки со извозен придружен документ EXMK, како и заедничко извозно транзитна постапка.  Превозниците кои се движат во рамките на поедноставена постапка во транзит и поедноставена постапка, при локално царинење увоз не смеат во никој случај да ја напуштат одобрената локација за времетраење на полицискиот час. Ова ослободување од ограничување важи за царинските испостави: Табановце, Блаце, Деве Баир, Ќафасан, Делчево, Ново Село, Богородица и Меџитлија“, рече Танасоски.

Како дополнителни мерки за олеснување на царинското работење по предлог на Министерството за економија и на Царинската управа ќе се донесе  одлука за ослободување на плаќање на царина за средства за дезинфекција, заштитни маски и ракавици, заштитни очила, медицинска опрема.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ