
Транспортна стратегија до 2030: До Петровец ќе се патува со воз
До аеродромот Петровец во Скопје ќе се патува со воз. Ова е проектот кој долго време чека на реализација но сега тој е дел од транспортната стратегија со која се планираат 104 проекти до 2030 година. Една од причините зошто досега се чекало е исплатливоста односно фреквенцијата на патници на аеродромот да достигне 2 милиони годишно. Рокови за негова реализација нема и допрва ќе се анализира како да се поврзе железничката станица со 20 километри одалечениот аеродром.
Во следниве две години се планира да се завршат почнатите автопати и четирите експресни патишта, потоа Скопје – Блаце и Гостивар – Кичево а до 2025 година Македонија железнички да се поврзе со Бугарија. Владите не треба да имаат различни ставови по приоритетните проекти за државата, туку да се продолжи се што е почнато.
Работите ќе се придвижат и во делот на заедничкиот железнички граничен премин на Табановце, со што ќе се забрзаат контролите на патничките и товарните возови. Проектот е веќе готов, се очекува одобрение за грант за изградба на зградата во која ќе бидат сместени заедничка полиција и царина а изборот на изведувач треба да се заврши во втората половина од годината.
Виолета З. Стојановска