
Транспортерите на Фени од понеделник пак на протест
Вработените од 60-тина фирми од Кавадарци кои транспортираа руда за комбинатот Фени, во понеделник повторно излегуваат на улица. Од 12 часот, тие три часа ќе ја блокираат едната лента на магистралниот пат кај мотелот Дреново, а цели 24 часа нема да дозволат влез во фабриката.
„Штрајкот ќе се одржува се додека не биде исплатен долгот према транспортерите.Доколку закупците на Фени се обидат да вршат превоз со железнички транспорт од наша страна ќе биде блокирана и железничката пруга кај Росоман“, кажаа од Здружението на кипери.
Целта на протестот според транспортерите е да се изрази револт поради неплаќање на долговите од 4 милиони евра од една страна и дозволување на закупецот да прави профит без да ги плати врати парите за извршениот транспорт на руда од друга страна.
Решение на проблемот со камионџиите се назираше во понеделникот кога бил постигнат начелен договор меѓу транспортерите,претставници на Нова Логистик и на закупецот на комбинатот Џи Сол.
Но, веќе следниот ден транспортерите обвинија дека Џи Сол го прекршил договорот во целост да им ги исплати побарувањата а швајцарската компанија ја обвини Нова Логистик, фирмата која ги ангажирала камионџиите.
Од Џи Сол пак уверуваа дека било договорено транспортерите да бидат исплатени со откуп на имотот на компанијата Нова Логистик во вредност од 1,9 милиони евра и со дополнителна авансна исплата од 700 000 евра, но Нова Логистик одбила да постапи по договореното. Од тмау нема информација зошто се предомислиле. Во меѓувреме Џи Сол на вработените им ја исплати октомвриската плата, но прашање е како фирмата ќе го рестартира производството во ситуација кога камионџиите не сакаат да вршат транспорт на руда.
Виолета З Стојановска