Транспортерите и занаетчиите бараат помош од владата

Владата да обезбеди функционални пунктови за возачите каде ќе се прават брзи тестови за Ковид 19, да не губат време како до сега со закажување на матичен лекар и чекање термин. Бараат и  пролонгирање на роковите за регистрација на товарните и патничките моторни возила до завршувањето на кризата, како  и одложување на обврските за рати се барањата на Услужната комора на Македонија.

Транспортерите и натаму треба да останат клучен фактор во синџирот на снабдување на населението  со неопходните продукти  во оваа ситуација, како и одржување на индустријата. Доколку транспортерите запрат со работа рафтовите во маркетите би останале празни, економијата би ризикувала застој, фабриките би имале проблем со дистрибуција на производите, а во тој случај многу граѓани би останале без работа.

Во занаетчиството пак над девет илјади работни места се загрозени.  Сите мерки кои ќе се донесат за бизнис секторот, да важат и за занаетчиите за да можат и тие да аплицираат предупреди Занаетчиската комора.

Предлагаме во мерката за субвенционирање за плати и придонеси да се предвидат и занаетчиите за време на кризниот период, во спротивно постои голема можност за напуштање на бизнисите и отпуштање на вработените. Предлагаме во мерката за аконтација за ослобдување од данок на личен доход додека трае пандемијата да бидат офатени и занаетчии кои паушално плаќаат данок по решение на УЈП, и занаетчии кои плаќаат данок во реално остварен приход се додека трае кризата.

Занаетчиите кои ќе бидат дома и вработените во занаетчискиот сектор кои ќе бидат во самоизолација да имаат третман на болни и трошоците да бидат на Фондот за здравство, се барањата на Занаетчиската комора.

Нина Стефановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ