
Трајковски им држи лекции на медиумите
Посетителот на Груевски Александар Трајковски не сакаше да говори за средбата со бегалецот во Будимпешта. Наместото одговори на овие прашања држеше лекции за тоа како новинарите треба да известуваат од судењето за „Шамарите во Центар“ каде е обвинет.
Трајковски ја посети Будимпешта додека беше на боледување од Царина, каде е вработен. На откако се врати пред судот тврдеше дека таму бил на специјалистички преглед за синусите и дишните патишта. Државниот здравствен инспекторат направил инспекциски надзор а лекарската комора направила стручен надзор на документација и своите наоди ги предале на Царинската управа која води дисциплинска постапка, вели директорката на инспекторатот Бухова која единствено потврди дека дијагнозата која Трајковски ја откри пред јавноста не се поклопувала со она што тие го констатирале во увидот. Трајковски вели тоа не било вистина.
Со помош на унгарските медиуми, но и Македонците во Будимпешта јавноста дозна кој го посетува Груевски, во кои ресторани излегува, во кои маркети купува, но не и како излегол од земјата, кој му помогнал и кој е одговорен за бегството на експремеиерот. Седум невладини организаци прашуваат зошто се уште нема информации од истрагите и оставки од министерот за внатрешни работи, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање и директорот на Агенцијата за разузнавање.
Понесувањето политичка одговорност за случајот со бегството на Груевски е единствениот начин власта да покаже дека има сериозна намера да се бори против културата на неказнивост, која – да не заборавиме – беше главна карактеристика на поранешната власт особено кога стануваше збор за највисоките функционери, велат тие.
Од обвинителството за организиран криминал велат дека се работи на случајот и кога ќе имаат конкретни информации, ќе ја известат јавноста. Додаваат дека се чекаат уште доказите од Албанија а од Црна Гора веќе се прегледуват.
Елена Ивановска Мукоска