Тодоров со жесток напад кон Мицкоски: Заборавeте на парламентарни, ВМРО мора да го победи СДСМ на претседателски избори

Никола Тодоров, поранешниот министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кој беше исклучен партијата, преку фејсбук директно му се обраќа на лидерот на ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Повод за обраќањето се последните изјави на претседателот Мицкоски. Според Тодоров, Мицкоски во преден план ги поставувал своите лични амбиции наместо интересот на партијата. Тој му замерува што Мицкоски јавно изјавил дека негова амбиција е да победи на идните парламентарни избори, наместо да се потруди да победи на следните претседателски избори.

„Мицкоски мора да знае дека неговата политичка амбиција како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, но и обврска кон членство и структурите на партијата кои го поддржуваат, но и кон оние кои не го подржуваат, но се бескрајно верни, лојални и посветени на партијата и на државата, НЕ Е да победи на следните парламентарните избори, туку партијата да победи на следните претседателски избори. Не ми е јасно како планира да ја победи оваа влада која не ги оправда очекувањата на граѓаните, со ваков став за претседателските избори? Или па, не планира“?

Тодоров потоа го засилува нападот инсинуирајќи дека и други членови на партијата ќе ја дочекаат неговата судбина да бидат избркани или жртвувани заради личните интереси на Мицкоски.

„Се плашам дека можеби повторно планира некого да пушти низ вода, само за да си ја зачува фотељата во партијата. По се изгледа овој пат императив не е да се седне на фотељата, туку истата да се зачува по секоја цена. Овој пат, судејќи по тоа како ја води партијата и довербата која тој лично ја ужива помеѓу граѓаните, свесен за поразот кон кој сите ги води, веројатно, првата жртва ќе му биде кандидатот за претседател кој според него ќе биде виновникот што сам си ги загубил изборите. Затоа и ќе биде многу тешко, кредибилен и квалитетен кандидат да изрази подготвеност да биде кандидиран од Мицковски. Бидејќи на сите ќе им биде јасно дека тој/таа нема да бидат кандидати на ВМРО-ДПМНЕ туку на Мицковски. Никој, кој е сериозен и држи до себе, не сака да биде уште едно жртвено јагне, па ладнокрвно, од Мицковски да биде пуштен низ вода. Но, како и да е, некои ќе бидат пуштени низ вода. Овој пат покрај претседателскиот кандидат на Мицковски, тоа ќе бидат и шефот на изборниот штаб и Александар Николовски. Тие ќе бидат експресно и по кратка постапка прогласени за виновници, а можеби и за предавници, само да се затскријат трагите кои водат до заклучокот за вистинскиот виновник и неговите катастрофално лоши и штетни политики за партијата“.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ