Тијарата на Папата изработена во манастирот Свети Ѓорѓија во село Рајчица

Овие раце на сестрите од манастирот Свети Ѓорѓија во село Рајчица дебарско, имаат изработено над 1.100 православни митри. Нема држава во светот каде нема нивна ваква ракотворба. Неа ја носат од митрополити до вселенскиот патријарх Вартоломеј.

Но освен за православниот свет, сестринството од ова духовно светилиште има изработено и еден дел од одеждата на римолатоличкиот папа, која се нарекува тијара. За прв пат папата Франциско добива тијара во мај 2016 од македонската владина делегација, која ја нарачале да се изработи од сестрите од манастирот во Рајчица. Сестра Ефимија раскажува дека папата бил воодушевен и задоволен од ваквиот гест.

Папата беше пријатно изненаден од ваквиот подарок, бидејќи не секој подарува тијара. Веднаш после добивањето на подарокот, десетина минути беа потребни да изминат и на нивните официјални страни и на Википедија да биде објавено, ажурирано дека папата добил подарок од македонска владина делегација која е изработена во нашиот манастир, рече сестра Ефимија

Ватикан има папска тијара изработена од вредните раце на македонски монахињи, но и македонскиот манастирот Рајчица има римски шлем кој го порачале да им го изработи римски експерт од автентичен материјал. Тој преставува верна копија на шлемовите кои ги носеле римските воени трибуни од времето на светецот Свети Георгиј.

Трибуните го носеле шлемот кога најавувале литии, победи, походи и слично. Римскиот шлем стои изложен во една од одаите на манастирот, но истиот денеска на 7 мај кога папата е во посета во Скопје, го носи најавувачот на струшката литија по повод празникот свети Ѓорѓи.

Тој целосно облечен како римски воен трибун ја предводи литијата како во времето на светецот Георгиј кој живеел на крајот од третиот, односно четвртиот век.

Од Манастирот Рајчица ни објаснија дека нивниот игумен секоја година внесува по некој новитет на Струшката литија, па еден од тие новитети е римскиот шлем.

Но за разлика од римскиот шлем, папската тијара изработената од сестринството не ноаѓа примена во католичките обреди. За последен пат со тијара бил крунисан римскиот папа Павел 6 во 1963 година, но 5 години подоцна завршува ватиканскиот концил кој одлучува римокатолиците повеќе да не се крунисуваат со тијари. Но сепак постои традиција на папите и понатаму да им се подаруваат тијари како во случајот со папата Франциско. Начинот на изработка но и обликот на  православната митра и папската е различен, но духовниот пристап е ист

За нивна изработка пред се треба да бидеш креативен. На човекот кој ги изработува му се нуди можност да се моли. Значи ние твориме молитва, додека изработуваме нешто кое ќе служи за молитва, рече сестра Ефимија

Сестрите од манастирот свети Георгиј во Рајчица занаетот за изработка на митри и тијари го добиле од игуменот отец Партениј, кој пак го научил од сега веќе упокоен бугарски владика. Овој манастир е единствен во Македонија кој изработува митри. За нивна изработка се подготвува посебна просторија во овој нов конак.

Манасторот ја враќа духовноста на крајот од деведесетите години по долгогодишниот духовен мрак за време на комунизмот. кога се замонашуваат и првите монахињи.

Зоран Димовски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ