
Тевдовски очекува поевтини кредити за фирмите, банките повоздржани
Банкарите не планираат значајно да го зголемат кредитирањето или да ги поевтинат заемите за компаниите по најновото намалување на основната камата на Народна банка, која се сведе на најниско ниво досега, 2,5 отсто. Велат дека и сега поддржуваат добри проекти, а нивните каматни стапки многу ќе зависат и од бизнис климата и од очекувањата, кои, сметаат, се движат во добра насока. Сепак, дел од нив укажуваат дека ако продолжи овој тренд на снижување, и оние што чуваат пари во банка, но и самите банкари, можеби ќе мора да се преориентираат кон поризични проекти.
Министерот Тевдовски, пак, е оптимист, вели одлуката на НБМ за омекнување на монетарната политика е чекор кој се совпаѓа со владините приоритети, а тоа е да има поевтино кредитирање за приватниот сектор кој беше носител на растот и треба и натаму да ја движи економијата. Очекува банките да го следат сигналот и да продолжи трендот на намалување на каматите, особено за фирмите, но тврди дека заемите за квалитетните проекти никогаш не биле поевтини.
- Бизниси кои имаат подобри кредитни истории веќе добиваат каматни стапки кои се пониски од 3 отсто, такво нешто јас не памтам дека се случувало во Македонија. Тоа е добро, ќе ја движи економијата напред. Сегако дека е тоа деловна политика на банките“, вели министерот за финансии Драган Тевдовски.
Вели дека за поевтини заеми придонеле и Финансии, кои се задолжувале по ниски камати на домашниот пазар.
НБМ вчера трет пат во оваа година ја намали основната камата за 0,25 процентни поени, или втор пат откако на раководната палка е гувернерката Анита Бежоска-Ангеловска.
- Намалувањето на каматната стапка е одраз на натамошните поволни движења на девизниот пазар, кои упатуваат на солидна надворешна позиција и стабилни очекувања на економските субјекти. Поволни се и поместувањата во депозитната база на банките, што исто така е сигнал за стабилни очекувања и доверба“, велат од Народна банка на Македонија.
Досега банките не поитуваа веднаш да реагираат на сигналите на НБМ, а поевтини заеми главно се делат на стабилни фирми кои се сигурни враќачи. Кредитирањето на компаниите во првите девет месеци годината има раст од 5,5 отсто.
Нина Нинеска Фиданоска