
Тетовци изморени од чекање да се средат уличните дупки во градот
Големи дупки, кои по секој дожд се полни со вода, нерамнини, паркирани возила од секоја страна. Вака изгледа делот од булеварот „Благоја Тоска“ во Тетово, покрај Клиничката болница, односно местото каде што треба биде продолжен за да се поврзе со другиот дел од булеварот. Тетовци со години чекаат на пробивање на главните булевари, за да се реши сообраќајниот хаос кој со години владее во градот.
Во анкета граѓаните велат дека оваа улица е во катастрофална состојба, но посочуваат дека и други улици се во лоша состојба.
Главен проблем е експропријацијата на имотите на граѓаните, кои се наоѓаат на местото каде треба да поминува булеварот „Благоја Тоска“. Со истата цел за регулирање на сообраќајот треба да се пробие и булеварот „Видое Смилевски Бато“, кај спортскиот центар, но според градоначалничката Теута Арифи, активностите биле запрени поради пандемијата со коронавирусот.
Дополнително сообраќаен хаос во Тетово предизвикува и недостатокот на паркинг места во градот, а граѓаните подолго време го чекаат и најавениот јавен превоз, кој би го намалил метежот и би се олеснило движењето на населението.
Данијела Билбилоска