Македонија Тетовската гимназија и понатаму не ја гради најавената доградба за учениците Македонци
Во централниот објект на тетовската гимназија не се одвиваат никакви градежни активности околу најавената доградба на објектот наменет за учениците Македонци, кои и оваа учебна година ја започнаа во објектите на старото медицинско училиште, каде нема соодветни услови. Причината за закочениот процес околу реализацијата на овој проект, централните и локалните власти меѓусебно ја префрлаат.
Од Министерството за образование, велат дека одобрени се 31 милион денари за изградбата на објектот, инвестиција која е дел нивната годишна програма. Истакнаа дека тендерот за изградба ќе го објават, откако Општина Тетово ќе ги извади сите потребна документи и дозвола за градба. Градоначалничката на Тетово пак Теута Арифи вели дека на потег е министерството, затоа што општината ја комплетирала целата техничка документација.
Тетовската гимназија е единственото училиште во Тетово каде децата учат одвоено. Интегрирање во нашата средина е повеќе од непоходно, затоа институции треба да се договорат и конечно да се започне со градежните активности, велат од советот на родители.
Гимназијалците кои следат настава на Македонски јазик уште во 2001 година поради безбедносни причини, го напуштија централниот објект на тетовската гимназија, каде сега нема просторни услови тие да се вратат. За изминативе 18 години тие учеа во распадните бараки, по основни училишта, на отворено на плоштад, а повеќе пати поради револт ја бојкотираа наставата.
Зоран Димовски



