
Тетовската болница одби донација од обложувалници
Донација наменета за клиничката болница во Тетово, на компанија која има казина и организира игри на среќа, била одбиена од страна на директорот. Во болницата пристигнало возило натоварено со 10 специјални болнички кревети и средства за дезинфекција, кои биле растоварени од возилото, при што биле ангажирани и неколку хостеси, но Флорин Бесими директорот на болницата, одбил да ја прими пратката, со образложение дека не прима донации од казина и спортски обложувалници. Тој вели дека Министерството за здравство е тоа коешто треба да ги обезбеди болничките установи со потребните материјали.
„Јас добив известување од Министерството за здравство дека треба да примам донација од болнички кревети, при што не беше назначено името на донаторот. Кога пристигна пратката и кога видов дека како донатор се јавува една спортска обложувалница, решително одбив да ја примам донацијата. Им реков никако не прифаќам донација од казино. Зарем ако државата и Министерството за здравство не можат нас како болница да нѐ снабдат со потребниот материјал и опрема, треба да одиме да бараме помош од казина или спортски обложувалници? Па кога уште видов дека сред болница се рекламира казиното од страна на некои девојки кои беа со нив дојдени, уште повеќе се револтирав“, вели директорот на Тетовската клиничка болница Флорин Бесими.
Оваа постапка ја поздравуваат од Здружението Антикоцкање, кое пофолг период бара измени во Законот за игри на среќа. Од таму велат дека ваквиот пример треба да го следат и другите дуиректори на болнички установи.
Од Здружението Антикоцкање велат дека вакви донации се наменети и за други болници во напата земја, а дел од нив ги прифатиле.
Данијела Билбилоска