
Тетово доби нова дива депонија
На оваа локација во близина на тетовско Фалише се претовара комуналниот смет без никакви стандарди. Купишта смет се таложат на земја загадувајќи ја околината и почвата.
Стопанственици на приватни фирми куќи и викендици лоцирани во близина на депонијата, револтирани од новата депонија попладнево половина час го блокираа патот, и не им дозволија на камионите на Јавното комунално претпријатие Тетово да го транспортираат сметот до станицата. Велат нема да дозволат да се загади и овој дел на тетовско, каде се прават и нови населби.
Ова е веќе четврта локација по ред каде тетовските комуналци го претовараа сметот. Првите две беа на влезот од градот каде се работеше без никакви стандарди.
Третата каде се уште се претовара сметот е кај тетовски Требош каде има специјална машина за претовар, но поради честите дефекти и тука отпадот често се таложи на земја, како и на новата локација каде секојдневно се собираат купишта отпад. Од Општина Тетово не ни дадоа одговор зошто решиле комуналниоит смет да го претовараат на две локации. Од ЈКП Тетово пак со кус коментар. Уверуваат дека на новата станица за претовар во иднина ќе работи според сите стандарди, и од неа нема да се шири непријатна миризна ниту пак сметот ќе се раслфрла во околината.
Зоран Димовски