
Тесната разлика може да ги мотивира гласачите во вториот изборен круг
Тесната разлика меѓу претседателските кандидати ќе ги мотивира гласачите во вториот изборен круг во кој се влегува со „нула гласови“, оценуваат аналитичарите. Изборите овојпат ќе бидат максимално искористени за мерење на силите на терен меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ одредувајќи ги правците за натамошно делување. Се очекува неделава да се зголеми и агресивноста во кампањите, да не се штедат зборови за лична дискфалификација.
Партиите на Албанците ќе имаат клучна улога во изборот на новиот претседател. Неизвесно е каква одлука ќе донесе Алијансата во четврток, дали ќе повика или не да се гласа на 5 мај. ДУИ пак ќе мотивира дополнителен контингент кој ќе гласа во недела.
По 5 мај се очекуваат и сериозни турбуленции на политичката сцена. Владејачкта коалиција ќе треба да го преиспита падот на својот рејтинг, ќе следи реконструкција на Владата, „метлата“ ќе заигра и во вториот ешалон, голем број ќе ги напуштат директорските фотељи, одговорност ќе се бара и од партиските функционери. Во зависност од изборниот резултат не е исклучена можноста ВМРО-ДПМНЕ да инсистира на предвремени парламентарни избори. Премиерот Заев во неколку наврати изјави дека доколку не се постигне цензус во вториот изборен круг или пак Пендаровски изгуби на изборите, веднаш ќе распише предвремени избори.
Јулија Пешевска