
Терористичките напади во Шри Ланка се поврзани со мрежа од странство
Серијата бомбашки напади во Шри Ланка, во кои вчера, на католичкиот велигден, беа убиени 290 лица, биле поврзани со меѓународна мрежа, потврдија властите во оваа островска нација во индискиот океан.
Според властите во Шри Ланка, терористичките напади ги спровела малку познатата локална џихадистичка организација, Тауфик Џамаат, иако никој досега официјално не ја презеде одговорноста.
Во самоубиствените напади на црквите и хотелите беа повредени повеќе од 500-тини лица.
Уште една експлозија оддекна денеска во близина на црква во главниот град на државата, Коломбо, но според сегашните информации , во оваа детонација нема жртви.
Полицијата во Шри Ланка потврди дека биле уапсени 24 лица во рамките на истрагата за нападите.
Властите во Шри Ланка најавија и дека ќе побараат странска помош за да ја разоткријат меѓународната позадина на нападите. Во текот на ноќните часови, безбедносните органи ќе спроведат и полициски час, додека на сила ќе стапи и најавената вонредна состојба.
Првите напади се случија вчера околу 8.45 по локално време, со 6 експлозии во кратот временски интервал. Нападнати биле 3 цркви во текот на велигденските миси како и три хотели во главниот град на Шри Ланка. Сите напади ги извршиле бомбаши самоубијци.
Непосредно по нападите, се раширија бројни шпекулации за тоа кој е одговорен за ескплозиите и владата го ограничи пристапот до социјалните медиуми. Организацијата национален тауфик џамат која беше осомничена како главен извршител на нападите, досега не била поврзана со тероризам од ваков голем размер.
Пошироката јавност дозна за нејзиното постоење минатата година, кога уништила будистички статуи во Шри Ланка.
Никола Илиевски