Термоелектраните на Балканот се најштетни – од РЕК Битола ветуваат дека во иднина оттаму нема да загадуваат

Термоелектраните на Балканот најмногу го загадуваат воздухот. Функционираат на јаглен. Само 16 такви од регионот, меѓу кои е и битолски РЕК се поштетни од 250 други кои се во земјите од Европската унија. Ова го откриле невладини организации за екологија од Европа, кои соработуваат со ЕУ. Мерењата на штетните емисии од оџаците ги правеле пред речиси три години, а податоците ги собраа во извештај со наслов „Хронично загадување со јаглен“.

Од РЕК Битола се свесни дека нивната термоелектрана е осма во Европа по емисијата на сулфур диоксид и шеста по емисија на штетни ПМ10 честички. Планираат и краткорочни и долгорочни мерки за да ги сменат бројките.

„Извршен е ремонт на трите блока на РЕК Битола. Третирањето на пепелта продолжува тековно, а на одлагалиштето е инсталиран и систем за прскање на таа пепел. Ова се краткорочни мерки. Од дологорочните проекти, АД Елем и РЕК Битола се подготвуваат за објавување на тендерот за реконструкција на електростатските филтри“ соопштија од РЕК Битола.

Од Министерството за животна средина ни кажаа дека преговараат со РЕК Битола и дека во процес е постапката за термоелектраната да добие А-интегрирана еколошка дозвола. Очекуваат мерките да дадат резултат. Но, нема тоа нема да случи веднаш. Сите земји кои сакаат да влезат во Европската унија и да се интегрираат во неа, мораат да ги усогласат законите за загадување во рамки на европските граници, во рок од седум години.

„Сите земји од Западниот Балкан, односно нивните термоелектрани на јаглен, од Министерскиот совет на Енергетската заедница добија можност за постепено усогласување со законската регулатива по однос на индустриското загадување до 2026 година“ соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во меѓувреме, Скопје и други места во земјата повторно се на листата на најзагадени градови во светот. Сончевото време и пријатните временски услови не спречија жителите повторно да дишат екстремно загаден воздух.

„Скопје целата зима е на листата на најзагадени градови во светот. Кон аерозагадувањето огромен удел имаат термоелектраните на јаглен, коишто на Западен Балкан се виновни за близу 4 илјади смртни случаи кај предвремено родени бебиња и близу 8500 случаи на бронхитис и други хронични заболувања кај децата.“

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ