Вести Теренската вакцинација против морбили почна од ОУ „Јан Амос Коменски“
Почна теренската вакцинација во училиштата. Тимовите со лекари од Здравствен дом – Скопје денес имаат задача да ги имунизираат децата кои немаат примено две или ниту една доза од вакцината против мали сипаници. До крајот на денот планираат да поминат 11 училишта во четири скопски општини и да ги пополнат вакциналните картони на речиси 500 деца.
„Досега немаме реакција од ниту еден родител. Очекуваме во текот на денот, во утрешниот ден или во наредните денови да видиме како ќе се одвива процесот и дали ќе имаме реакции. Ќе бидеме во редовна комуникација и со Министерството за образование и со Министерството за здравство. Нив ќе ги информираме за сите проблеми со коишто ќе се среќаваме на терен за ако има било какви проблеми да ги отстраниме веднаш и нормално да продолжиме со вакцинацијата.“ кажа Злате Мехмедовиќ, директор на ЈЗУ Здравствен дом Скопје.
Здравствените власти постојано повикуваат на масовна вакцинација. Во цела земја е прогласена епидемија на морбили. На Инфективна се хоспитализирани четириесетина пациенти, а 16 годишното момче се уште е во животозагрозувачка состојба и е приклучено на апарати. На Детската клиника има 11 пациенти, а 11 месечното бебе се уште е во критична состојба. Од децата до 14 годишна возраст кои подлежат на вакцинација, само половина ги имаат примено двете дози од МРП.
„Здравствените власти потврдија дека претходната вакцинација била неуспешна па затоа одлучиле да направат нова теренска вакцинација за да стигнат до посакуваната бројка на имунизирани деца.“
Вакциналните тимови на Здравствениот дом – Скопје претходниот пат кога тргнале да вакцинираат на терен се соочиле со проблем. Општините под чија надлежност се основните училишта не им излегле во пресрет и тогаш не сакале да соработуваат со нив. Овојпат такви проблеми не постојат.
„Во првиот круг на теренска вакцинација имаше отприлика 3800 деца. Од нив вакцинирани беа само 300 деца – што не е задоволителен број. И покрај тоа што имавме известување до училиштата – немаше соработка на локалната самоуправа со здравствените власти за да може да имаме непречен пристап на нашите вакцинални тимови до училиштата. “ кажа Злате Мехмедовиќ, директор на ЈЗУ Здравствен дом Скопје.
Прво училиште кое го посетија лекарите утринава е ОУ Јан Амос Коменски. Таму за петнаесетина минути две деца дојдоа, а уште 48 треба да дојдат во текот на денот, придружувани од родителите, без чија дозвола не смее да се вакцинираат.
Петар Догов



