
Тендери за профитерство во образованието?!
Учениците од трета година во гимназијата Орце Николов речиси две недели ја бојкотираат наставата. На таков чекор се одлучиле за како што велат – во најбрз можен рок да се донесе конечна одлука во врска со екскурзијата предвидена во програмата за трета година од средно образование.
Од Град Скопје велат дека не се одговорни за образовнот процес во средните училишта, па според тоа не се ниту надлежни да се справувааат со бојкоти на настава.
Душко Стојановски, професор во гимназијата потенцира дека пречка за реализација на екскурзијата е тоа што се откриени малверзации при што само една до две туристички агенции во градот ги добиваат тендерите за училишните екскурзии во скопските гимназии. Вели, образованието не може да биде терен за профитерство и прашува каде е логиката во тоа да се бира понуда која што е за околу 30 евра по ученик поскапа отколку конкурентските понуди. Нагласува дека овој проблем не е ниту малку вина на учениците.
Добитникот на тендерот за организирање на екскурзијата, туристичката агенција Фалкон се децидни дека нивната понуда е избрана како најповолна согласно програмите и критериумите, а до овој момент немаат добиено никаква информација за поништување на одлуката.
„На ден 07.03.2018 год. добивме одлука и известување од страна на училиштето по спроведена постапка за организирање екскурзии дека нашата агенција е избрана за најповолен понудувач согласно бараните програми и критериуми за избор на истите.
До овој момент немаме добиено било каква информација за поништување на одлуката, односно постапката.
Во тек е законски пропишаниот рок за поднесување на жалби доколку има незадоволни понудувачи кои не се избрани за организатори.
Доколку не биде доставена жалба од ниеден понудувач во законски пропишаниот рок, се пристапува кон потпишување на договор за реализација и организација на екскурзијата согласно избраната програма“.
Од училишната заедница се жалат – постапката за екскурзијата е започната уште од декември, но се одолговлекува, додека пак, останатите скопски гимназии веќе започнуваат со реализација на предвидените екскурзии. Учениците се јасни во ставот дека не сакаат да извршуваат притисок, но бараат да се испочитува тоа што им следува по програмата. Директорката на училиштето спушти слушалка и со тоа одби да даде своја изјава во врска со тендерот за екскурзијата и бојкотот на наставата.
Петар Догов