
Температурите и наглото топење на снегот причина за зголемено ниво на реките
Се излеa Вардар кај село Форино, гостиварско. Постои опасност од поплавување на куќи, известија од Центарот за управување со кризи. Има излевање и на Црна Река на повеќе места по должината на коритото. Од ЦУК информираат дека побарале од хидроцентралата Вруток да го намали производството на електрична енергија затоа што водите од акумулацијата влијаат на покачување на нивото на водата, по што хидроцентралата го запре целосно производството и се очекува нивото на водата да се намали.
Снегот нагло ќе се топи како последица на повисоките температури кои што не очекуваат во наредниот период, вели Ангелко Ангелески, Советник за агрометеорологија. Според него пак ниските температури од изминатата недела ќе им наштетат на овошките и виновата лоза.
Очекувано е и намалување на родот кај кајсијата и бадемот во јужните делови на земјата и долж повардарието. Со тоа, ќе се наштети и на домашното производство и економија.
„Самиот податок дека на планините околу нас имаме доста снег, ова топење на снегот може да допринесе до непожелни појави во земјоделството односно поплавување на површините или пак евентуално од наглото топење на снегот да имаме зголемен водостој на водотеците и на вештачките акумулации“, вели Ангелко Ангелески.
Поради сложената хидрометеоролошка ситуација од Дирекцијата за заштита и спасување известуваат дека локалните власти се известени да ги лоцираат критичните места доколку постојат, а потоа и да се организираат ако е потребно да преземат мерки во случај на поплави.
„Што се однесува до каналите и чистењето на каналите, таа обврска треба да ја преземе локалната самоуправа или водостопанските организации што всушност е и нивна основна работа во целокупниот дел. Дирекцијата во рамките на своите надлежности ќе ја зголеми и активноста на инспекциските служби и тие во наредните денови ќе бидат поактивни бидејќи вакви инспекции веќе се и најавени во локалната самоуправа, во нашите подрачни организациони единици се со цел да не доаѓа до можни изненадувања како што имаше во минатото“, изјави Слободан Вуковиќ од Дирекцијата за заштита и спасување.
Од Дирекцијата како можни критични точки ги посочуваат Вардар кај село Реотинце, потоа Црна Река кај село Бучим, во кумановско постои опасност од излевање на Пчиња кај Пелинце, Крива Река можно е да се излее на неколку места во зависност од топењето на снегот, додека пак, Треска може да се излее во реонот на село Пласница. Пред еден месец, по поројните дождови имаше поплави во Скопје, Македонски брод, Тетово, Охрид и Кичево.
Според УХМР, доколку се јават интензивни врнежи можно е поројните дождовни води заедно со водите од стопениот снег за краток период да предизвикаат дополнително покачување на водостојот. Во вакви ситуации, можни се појави на локални излевања на места каде што има стеснети проточни канали.
Метеоролозите предупредуваат на внимателно движење покрај реките низ Македонија. Поради топењето на снегот и влагата во почвата, можна е и појава на одрони и свлечишта низ целата територија.
Петар Догов