Телото на удавеното девојче предадено на обдукција

Телото на 13-годишното девојче кое вчера се удави во дупка со вода каде требало да се гради зграда е предадено на обдукција, соопштија од полицијата, од каде додаваат дека се работи на расчистување на случајот.

Трагедијата се случи вчера во попладневните часови во населба Илинден, на место викано „Бигла“, во ископ за темели за изградба на зграда.  Дупката со вода, според месното население стои веќе една година. Девојчето заедно со своето братче си играло во водата. А, една од верзиите кои ги раскажаа нејзините најблиски е дека девојчето влегло во водата по нејзиниот десетгодишен брат кој почнал да се дави. Тој успеал да се извлече, а таа настрадала бидејќи дното на дупката е калливо.

Зошто е оставена отворена градежната дупка толку долго време отворена и необезбедена, засега никој не одговара. Од агенцијата за недвижности која е надлежна за продажба на земјиштето најавија соопштение во текот на денов.

Основното јавно обвинителство Скопје постапува во насока на расветлување на причините за трагичниот настан во општина Илинден, во кој вчера животот го загуби 13-годишно девојче, и на утврдување на евентуална кривична одговорност.

Надлежен јавен обвинител издаде наредба за обдукција на починатото лице, како и насоки за прибирање дополнителни податоци. Побарани се информации за фирмата која ги изведувала градежните работи и за текот на градбата. Во исто време, се прибираат податоци од инспекциските служби и од други надлежни органи за да се утврди евентуална кривична одговорност.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ