
Телма во притворот во Шутка: Ѕидови кои се распаѓаат, но со Катица Јанева на нив
На врвот на притворската зграда над решетките еден гулаб. Тој можеше слободно да лета за разлика од притворениците. До нив се стасува низ таканаречената црна порта. Покрај ѕидовите трчаа кучиња, а внатре не пречека рапорт.
Чуварите чекаат повисоки плати, добри униформи и подобра безбедност бидејќи работат во опасна околина со притвореници.
Но оние што тука издржуваат притвор поминуваат најлошо, само еден час се надвор од ќелијата, внатре јадат, пијат, спијат, живеат некогаш и со месеци- заедно со влага и како во блокот Ц на Шутка во многу лоши услови.
Во ќелиите можевме да го видиме уметничкиот талент на притворениците но во една ја начекавме и специјалната обвинителка Катица Јанева.
Нацртана на ѕид меѓу повеќе дами во бикини, а авторскиот мотив зошто баш Јанева ни остана непознат.
Во притвор има само неколкумина кои се дел од истрагите на Јанева, но има и многу други притвореници кои живеат во лоши услови, со децении не е реновирано, па ќелиите изгледаат како одаи за мачење. Темни и страшни, понижувачки.
Иако има и ќелии кои се дел од македонската кинематографија и историја. Како оваа.
Женските одаи се ретки, вкупно 16 притворенички имаше. Се разликуваат, попристојни се, почисти. Женски списанија, книги или среќни приказни за живот на британска принцеза. Тоа им е четивото.
Веднаш до женскиот оддел е местото каде секој нов притвореник добива душек и перница. Просторијата е уништена, душеците уште во полоша состојба, па оние, ретките кои имаат си носат постелнина.
Хашкото одделение е посебна приказна, во јавноста се гледа како на елитен дел од затворот. Ама е на втор кат, има слаба изолација и во летните месеци е премногу жешко.
Ама притворениците наоѓаат начин како да се разладат. Водата тече во хашките келии, но и во сите други. Ги лади соковите, ја климатизира собата. Поради нерационалното користење вода, затворот во Шутка троши многи и должи над 150 илјади евра на водовод. Тоа е само еден од проблемите, втор за кој се знае многу ама не се гони е корупцијата на затворските службеници, во притвор кој е во распаѓање е скапо како на плажа во Флорида. Благодарение на корупцијата.
Новиот директор на затворот ја отвори црната порта, вели дека добил ветување од владата дека со ребаланс ќе се вложат пари за реновирање, но и за повисоки плати на персоналот кој недостасува.
Во меѓувреме се снаоѓаат со заменикот и бркаат донации од општествено одговорни компании.
Црната порта се затвори зад нас, останаа нечовечките и лоши услови за притворениците- нешто што со децении не се менува.
Државата до 2023-та треба да изгради нов истражен затвор во Идризово, но дотогаш притворениците ќе живеат во Шутка каде мора да се подобрат условите. Каде сликата на слободниот гулаб зад решетките е сцена од реалноста не од филм.
Миомир Серафиновиќ/снимател Игор Јанковски