Телма во Атина: Жестока расправа во грчкиот Парламент за ратификација на Договорот од Преспа

Со високи тонови претпладнево почна пленарната седница во грчкиот Парламентот за ратификација на Договорот од Преспа. Од Нова демократија, Демократска алијанса, Златна зора и Независни Грци излегоа со барања и обвинувања до грчката Влада.

Од Нова демократија, побараа да биде доставен македонскиот Устав како што изгледа по гласањето на амандманите, објаснувајќи дека тоа е „неопходен елемент и предуслов за дискусија, зошто треба јасно да сфатиме која ќе биде реалноста ако грчкиот Парламент го изгласа договорот“.  Пратеникот од опозициската партија рече дека она што го доставил алтернативниот шеф на грчката дипломатија е Уставот каков што бил пред да се направат уставните измени. Тој додаде дека Јоргос Катругалос треба да го достави новиот Устав, ако негира, Парламентот да го обврзе да го стори тоа, а ако не постои да стане и да каже дека не постои.

Од Златна зора и Независни Грци говореа за противуставноста на целиот процес. Лидерот на Независни Грци, Панос Каменос, повторно праша дали според договорот соседите „имаат право на самоопределување како македонски народ?“ По изнесените барања од политичките партии, на пратениците им се обрати алтернативниот министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос.

Расправата ќе трае колку што ќе биде потребно, а планирано е за ратификацијата на Договорот од Преспа, пратениците да гласаат утре вечер. Проценките се дека има поддршка од 153-ца пратеници. Екипата на Телма ја следи расправата во грчкиот парламент и во секое издание на вестите ќе Ве информира за новите случувања.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ