Телма ексклузивно: Новиот клинички центар наместо во Бардовци на влез во Скопје

Се исцртува конечната локација на новиот долгоочекуван клинички центар. Пациентите ќе се упатуваат на влезот на Скопје пред населбата Ѓорче Петров. Тука е предвидена нова парцела во државна сопственост на која ќе се гради современиот медицински комплекс.

Извори од министерството за здравство за ТВ Телма ексклузивно откриваат каде се размислува да започне изградбата на клиничкиот центар. Станува збор за земјиште со површина од околу 80 хектари. Токму пространата парцела и добрата сообраќајна конекција во близина на самата обиколница ја прават оваа локација поволна за идното решение за државните клиники.

Првото поместување на новиот клинички центар од сегашниот комплекс со одлука на министерот Венко Филипче беше поради густината на сообраќајот на улиците Водњанска и Мајка Тереза. Дополнителен прилив на пациенти тука е проблематичен, а исто така и предвидената локација имаше простор од само дваесетина хектари.

Просторот и сообраќајните врски беа разгледани и кај локацијата во Бардовци, но овој план на Министерството за здравство се откажува поради приватните парцели. Со тоа трошоците за експропријација би биле значително високи. Сега, здравствените власти не треба да се соочат со вакви пречки бидејќи земјиштето е државно.

Проектот вреден околу 400 милиони евра ќе се финансира и преку заем од Банката за развој при Советот на Европа. Останува да се прецизира и датумот кога изградбата ќе започне, а најоптимистичка прогноза е септември следната година. Македонските пациенти современи медицински услуги треба да добијат најрано  во 2025 година.

Христијан Станоевиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ