Телма дознава: ЕУ останува одлучна да ги отвори преговорите со Македонија

Во закчлуоците има интервенции од Грција и Бугарија, кои не се толкуваат како услови од кои зависи одлуката

Агендата на Самитот на ЕУ идната недела, и покрај тоа што наместо во Брисел ќе се одржи како видео конференција – ќе се осврне и на проширувањето, со препорака за отворање на преговори со Македонија и Албанија, со тоа што стартот на преговори за Албанија до првата Меѓувладина конференција е условен, но не и за Македонија.

Тоа се најновите измени во работните документи за Советот на министри и Самитот на ЕУ во кои Телма имаше увид, а кои се договорени на состанокот на КОВЕБ, работно тело на Советот кое ги усогласува ставовите пред средбите на Советот на министри.

Во најновите нацрт заклучоци- и според дипломатски извори во Брисел – најверојатно и финален документ, не се споменува јуни како датум за првата Меѓувладина конференција.

Но, според истиот извор, тоа се должи на компромисот да се надминат недоразбирањата меѓу одделни земји кои инсистирале проширувањето целосно да се одложи од агендата поради кризата со корона вирусот и оние кои инсистирале дека ЕУ по усвојувањето на новата методологија не смее да си дозволи ново одлагање на доделувањето датум за Македонија, која ги исполни сите обврски.

Компромисот, според документот, ќе биде најверојатно во формулација дека првата меѓувладина конференција би била по справувањето со кризата, најверојатно до декември 2020 година, без никакви дополнителни услови за Македонија, а условени за Албанија.

Тоа, според извори од Брисел, не треба да се толкува како изненадување, бидејќи е резултат на актуелната криза. Новина од документот во кој Телма имаше увид вчера и кој беше подготвен од хрватското претседателство и документот што веќе формално циркулира како официјален нацрт – заклучоци е што во него се вградени и барања на соседите Грција и Бугарија.

Документот меѓу другото се осврнува на добрососедските односи и регионалната соработка. Советот повторно ја нагласува важноста од имплементација на билатералните договори,вклучително и на Договоорт од Преспа и Договоорт за добрососедство со Бугарија.

Според условената препорака од јуни 2018-тата, одлуката за почеток на преговори со Македонија требаше да биде донесена на Самитот во јуни 2019-тата, а првата Меѓувладина конфееренција да се одржи кон крајот на декември лани. Но одлуката беше одложена за октомври, кога се случи и големото разочарување од уште едно одлагање поради инсистирањето на Франција, пред отворањето на пристапни преговори со нови земји кандидатки, ЕУ прво да го ревидира начинот на преговори, што се случи со новата методологија предложена од Комисијата во февруари годинава.

Доколку се оди според најавената агенда, веќе идниот вторник Советот на ЕУ за општи прашања, кој заседава на ниво на министри за надворешни работи и европски прашања, би требало да ја потврди препораката за отворање на преговори.

Боби Христов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ