Телефонот со кој стигнал повикот од Виена на крвавиот четврток бил оштетен и тежок за вештачење

Телефонскиот апарат за сим картичката од број 071/332-406 во СОЗР бил вратен тешко оштетен и тежок за вештачење, тврдат за Телма извори од обвинителството. Најтешко било да се утврди дали тоа е истиот телефонски апарат од кој е стигнат повикот од Виена на крвавиот четврток.

Обвинителството во обвинителниот акт посочи дека од бројот во сопственост на владата непознат припадник на обезбедувањето на Никола Груевски му свртел на Александар Василевски-Нинџа, а тој потоа вртеле и ги барал припадниците на маскираната група која на 27-ми април го водеше упадот во Собранието.

Во Виена со Груевски бил и братот на Нинџа, Благоја Василевски кој е вработен во 6-тата управа и долги години е во обезбедувањето на екс премиерот. Подоцна и екс премиерот Груевски потврди дека неговиот обезбедувач контактирал со братот, но дека кокуминикацијата била вообичаено семејна.

Кога обвинителството утврдило од каде е дојден повикот кој им е прв во низата настани опишани во обвинението, се обидело да открие кој обезбедувач го користел државниот телефон бидејќи апаратот и сим картичката биле дадени без да се потпишат соодветни документи за задолжување. Тогаш е побаран и телефонскиот апарат кој стоел во СОЗР, а утврдено е дека бил видливо оштетен, наверојатно со метални предмети и со намера да се уништи, потврдија за Телма извори од истрагата.

Бројот кога бил земен телефонот за вештачење веќе бил одјавен, како што објави КОД во неделата, одјавувањето на бројот 332-406 се случило многу бргу по крвавиот четврток, веќе во јуни и оттогаш тој број не е во функција.

Намерно оштетени или дури сменети ајфони со кинески верзии на телефонски апарати биле честа појава во функционирањето на СОЗР, а истиот период кога бил исклучен бројот од Виена биле исклучени уште неколку телефонски броеви кои исто така се истражуваат за да се утврди дали се поврзани со крвавиот четврток.

Од обвинителството за Телма само кратко соопштија дека истрагата за 27-ми продолжува и со распити и со нови вештачења. И во текот на неделата имало неколку распити на сведоци и учесници во собраниските настани, а распитите ќе продолжат и по Велигден.

Досега не се поканети ниту Груевски ниту неговото обезбедување од Виена да дадат искази, но проверен е листингот на телефонот на екс претседателот на ВМРО-ДПМНЕ со што е утврдено дека од Виена, вечерта на 27-ми април имал два телефонски разговори , со претседателот Иванов и со тогашниот директор на полицијата Митко Чавков. Разговорите се одвивале откако полицијата веќе ја почна интервенцијата во Собранието и ги спаси пратениците, новинарите и нападнатите собраниски службеници.

Ден претходно, Груевски исто така контактирал телефонски со Иванов, но и со партиски соработници, како и со Богдан Илиевски, сега обвинет за крвавиот четврток, а истрагата за деновите пред 27-ми април открила и размена на СМС пораки со повеќе пратеници меѓу кои и со Мукоски и Василевски.

Интересно е што Груевски во интервјуто на Телма, ден по крвавиот четврток, рече дека  неколкупати се слушнал со Чавков од кого барал информации и професионална реакција на полицијата. Телефонскиот листинг пак покажува дека имало еден повик до Чавков, што истрагата ја води кон претпоставка дека се користени други комуникациски мрежи како вибер.

Обвинителството ја продолжува истрагата, а на седумина од обвинетите апелација денеска им ги потврди мерките притвор и домашен притвор.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ