
Техничка грешка – причина за поништување на постапката за субвенции на авиопревозници
На три коверти во понудата, заборавиле да го напишат полното име на компанијата и адресата на фирмата, па поради тоа Министерството за труд веднаш ја отфрлило единствената понуда стигната на јавниот повик за 5 милиони евра вредната финансиска помош за авио превозници.
Единствената понуда била доставена петнаесетина минути пред истекот на крајниот рок, станува збор за понуда на Визер. Откако комисијата утврдила дека не е исполнет техничкиот услов со полното име и адреса наведена на три коверти во понудата ја прекинала натамошната постапка и воопшто не ни почнала да ја оценува единствената понуда. Планот на министерството е во најскор можен рок да распише повторно јавен повик за финансиска поддршка од 5 милиони евра за наредните три години. Визер чија понуда е отфрлена досега во последните 8 години веќе има добиено 9 и пол милиони евра како државна помош.
Последната рата од таа државна помош на Визер им била исплатена на 28-ми јуни оваа година и оттогаш Визер лета од Македонија по пазарно формирани цени. И денеска на редот за полетување имаше 11 летови на Визер од Скопје и еден лет од Охрид. Државата претходно беше критикувана од редовните авио превозници пред Европската комисија, дека со државна помош се фаворизираат определени ниско буџетни компании. Откако беше добиено позитивно мислење од Брисел за финансиската помош на еден авио превозник, беше распишан јавниот повик.
Македонија оцени дека е прескапо отварање на национална авио-компанија и сметаше дека со 5 милиони евра субвенции ќе го реши проблемот и ќе се најде авио компанија која ќе отвори нови линии, пред се на охридскиот аеродром. Поради ненапишано име, единствената понуда е отфрлена, а допрва ќе се организира нов јавен повик. Дотогаш ќе заврши летната сезона на Охридското Езеро.
Миомир Серафиновиќ