
Тече рокот за сумирање на јавната дебата
Владата ги сумира резултатите од јавната дебата за уставните амандмани, а опозицијата ги чека за да одлучи дали ќе поднесе дополнителни амандмани.
Од ВМРО-ДПМНЕ повторуваат дека нема отстапување од нивниот став за неприфаќање било каква уставна промена која би значела промена на уставното име на државата и неприфаќање на Преспанскиот договор што го сметаат за капитулантски. Дали ќе се обидат да го подобрат текстот на уставните измени со поднесување амандмани, се уште не соопштуваат.
Овие два дена Владата треба да подготви извештај за резултатите од јавната дискусија и текст на амандманите. Во понеделник стартува расправата во Комисијата за уставни прашања, како што најави спикерот Талат Џафери. Може да трае најмногу 12 дена. За секој владин амандман е предвидена тридневна дебата, без оглед колку амандмани ќе бидат поднесени од пратениците или од собраниските работни тела. Пленарната седница се планира веднаш по Божикните празници, а за 15-ти јануари се планира конечното гласање. Премиерот Заев е оптимист дека ќе има дво-третинско мнозинство.
Во однос на потребното мнозинство, спикерот Џафери сподели со лидерот Али Ахмети загриженост од постапките на институциите и апелираше да не се испровоцира неповолна ситуација во оваа завршна фаза од менувањето на Уставот. Последното гласање бара најмалку 80 гласови. Поддршката од осуммината опозициски пратеници во првата фаза беше условена со четири точки, меѓу кои, формирање Тело за помирување. По неколку одржани состаноци, се очекува ова тело утре да го презентира нацртот на Законот за помирување или амнестија.
Соња Николовска