
„Таргет-Тврдина“: пристап до прислушуваните броеви имаа Мијалков, Грујевски и Николиќ
Звонко Костовски никогаш не ми даваше налог на ливче или усно, да маркирам некој број. Од Надица Николиќ добивав наредба да им доделам на репродуцерите, кој од нив, кој број да го слуша, истакна сведокот Марјан Јанкуловски, поранешен вработен во УБК, на денешното судење за предметот „Таргет-Тврдина” за незаконското следење на комуникациите.
На прашање на обвинителот Трајче Пеливанов, Јанкуловски рече дека пристап до фолдерите каде биле маркираните броеви имале Сашо Мијалков, Горан Грујевски, Надица Николиќ… тие преку таа привилегија имале можност да ги видат броевите, да ги прислушуваат разговорите и да ги читаат СМС пораките. Сведокот ги „режел” ЦД-а со снимените разговори кои дел биде со судски наредби, а дел без. Без судска наредба и ги предавал дисковите на Надица Николиќ. Само еднаш имал барање од Горан Грујевски да му сними цедиња со разговори од Зоран Заев.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени над 4 илјади телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.