
Талески: Треба да ја научиме лекцијата, ракомет се игра две полувремиња
Македонската ракометна репрезентација со пораз од Данска (20:31) го заврши настапот на Европското првенство во Хрватска. Само во првиот дел избраниците селекторот Раул Гонзалес беа рамноправен противник со олимпискиот шампион. Левото крило на „црвено жолтите“ Филип Талески со три гола учествуваше во третиот пораз на последниот меч на шампионатот.
„Ова за нас беше едно огромно искуство. Искрено, ниту ние не се надевавме дека по првата фаза да пренесеме три бодови и дека ќе успееме да се носиме со селекции како Словенија и Германија, кои беа меѓу медалистите на последните големи натпреварувања. Но, на пат кон Вараждин сѐ се сврти наопаку, среќата едноставно ни го сврти грбот. Во втората фаза направивме грешки какви што не треба да правиме и го плативме цехот за тоа. Но и ова е искуство за нас, поука како не треба да правиме во иднина. Пред сѐ, тоа значи лекција дека секоја средба да играме 60 минути“, изјави Талески.