Тајна е висината на платите на специјалните обвинители

Тајна е висината на платата на специјалните обвинители. Специјалната обвинителка Катица Јанева, не кажува ниту колкава плата зема, ниту колку троши нејзиното обвинителство. Во неделното интервју за КОД запрашана колкави се трошоците за работата на СЈО, таа одби да одговори.

Специјалните обвинители платата ја сокриле и во своите анкетни листови кои се објавени на сајтот на Државната антикорупциска комисија. Колку зема Јанева за да гони криминалци и таму не објавила, но напишала дека нејзини се куќата во Гевгелија, плац во Конско, земјоделско земјишт во Мрзенци, автомобил ровер 45. Го пријавила и имотот на децата, два стана во Скопје кој им се подарок, од кого нема напишано. Но Јанева пријавила и 4 кредити, лично таа е должна на банките околу 85 илјади евра. Но има и заштеда што депозити во банки, што на картички. Нешто повеќе од 110 илјади евра.

Фатиме Фетаи и Ленче Ристовска се обвинителките кои беа десна рака на Јанева на прес конференциите. Фетаи има стан во Скопје од 90 квадрати, купен во 2015 годината кога и стана специјален обвинител. Но истата година земала и кредит околу 70 илјади евра на отплата од 30 години. Вози Киа Пиканто старо 10 години.

Ристовска пак стан или куќа не пријавила, поседува градежно и земјоделско земјиште, првото во Скопје, второто во Долно Дупени. Во банка има околу 15 илјади евра а од 2015 вози Рено Каптур.

Специјалниот обвинител Гаврил Бубевски кој деновиве е актуелен по заканите кои ги добивал, за разлика од неговите колешки кои не ја ни споменале платата тој напишал дека зема на трансакциската сметка, износот го изоставил. Има Рено Меган и стан во Скопје купен 2017-та.

Обвинителката Лиле Стефанова која ги води предметите „Титаник“ и „Траекторија“ сега и истрагата за „Империја“ од личен имот пријавила само кредит и заем, се останато е на сопругот и децата.

Од останатите обвинители се истакнува Бурим Рустеми кој во својот анкетен лист го напишал само возилото, Мерцедес Ц класа.

И додека обвинителите ги кријат своите плати, дел од нив ги објавиле оние на своите брачни другари или роднини. Сопругот на Фетаи зема 11 илјади плата, додека на сопругата  и братот на Артан Ајро нешто повеќе од 25 илјади денари. ДКСК се уште не е екипирана, но новата комисија ќе има право да го истражува и имотот на Специјалните обвинители и ако пронајде нешто сомнително да пријави кај нивните колеги, од државното обвинителство.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ