
Тачи: Косово го почитува територијалниот интегритет на Македонија
Косово ќе вложи силни напори за да постигне договор за реципрочно признавање со Србија. Подобро сега, отколку две-три децении да ги држиме во заложнитштво нашите деца, изјави претседателот Хашим Тачи по средбата со премиерот Заев. Го известил дека во тој процес ќе биде почитуван територијалниот интегритет на соседните земји, а претходните денови тоа им го соопштил и на претседателите на Албанија и на Црна Гора.
„Ќе биде многу тешко да се постигне договор меѓу Косово и Србија. Но доколку се постигне, ќе биде во европски дух, ќе се сочува мултиетничноста на Косово, целосно ќе се координира со ЕУ и со САД, соседните пријателски земји ќе се чувствуваат комотни. Косово го почитува територијалниот интегритет на сите земји, вклучувајќи ги Македонија, Црна Гора и Албанија, но со Србија прашањето е специфично. Треба да се заврши демаркацијата на 430 километри од границата. Ова ќе биде комплексен процес, ќе има тешки дебати, одбиеи одлуки, но тоа е единствениот пат по кој треба да се движиме како лидери на Косово и на Србија“, изјави Тачи.
Премиерот Заев ги поздрави напорите низ дијалог да се најде решение меѓу Косово и Србија. Сите лидери во регионот, вели, треба да останат обединети околу заедничките цели: траен мир, економски развој, регионална соработка и членство во ЕУ.
„Среќен сум што претседателот на Косово како вистински претставник на земја пријател дојде да не охрабри и да не смири, односно да испрати порака до граѓаните на РМ дека низ дијалог се обидуваат да постигнат решение за проблемот меѓу Белград и Приштина, а решението ќе биде безбедно, грижливо и пријателско кон РМ и кон целиот регион“, рече Заев.
Тачи го поздрави Договорот за името што го постигнаа Македонија и Грција и повика на референдумот да се гласа „за“.
„Ги повикувам сите граѓани на Република Македонија да учествуваат на референдумот и да гласаат „за“. Македонија во НАТО значи мир во целиот регион, вклучувајќи го и Косово. Ова е историски момент што треба да се искористи“, порача Тачи.
Заев и Тачи се залагаат за подобра економска соработка, за изградба на автопатот од македонска страна, за гасовод во Косово, за отворање нов граничен премин и за други видови поддршка што наскоро ќе се најдат на заедничка седница на двете влади.
Соња Николовска