СЗО: Заканата од коронавирусот подигната на највисоко ниво, но се уште не се прогласува пандемија

Светската здравствена организација го подигна нивото на глобална закана од коронавирусот на многу високо , највисоко ниво за проценка на опасноста од болеста. Сепак, тоа не значи дека повеќе нема можност да се ограничи ширењето на вирусот, под предуслов начинот на трансмисија да биде прекинат.

Тоа што го гледаме во моментов се поврзани епидемии Ковид-19 во повеќе земји, но најголем дел од овие случаи може да се поврзат со познати контакти или кластери на случаи. Се уште не гледаме докази дека вирусот се шири слободно во заедниците. Се додека тоа е така, се уште имаме шанса да го ограничиме вирусот, доколку преземеме голема акција рано да ги детектираме случаите, да ги изолираме и да се грижиме за пациентите и да ги откриеме контактите, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом.

Според генералниот директор на СЗО, стравот и дезинформациите се најголемите предизвици кои треба да се надминат во борбата против вирусот, додавајќи дека потврдени случаи на болни луѓе има во 50 држави во светот.

Напредува и работата на вакцините и терапиите. Повеќе од 20 вакцини на глобално ниво се во фаза на развивање и повеќе лекови се во клинички тестови. Ги очекуваме првите резултати во наредните недели. Но не мораме да чекаме на вакцини и лекови. Има работи кои секој човек може да ги направи денеска да се заштити себеси и другите, вели Адханом.

Во меѓувреме, светските медиуми, повикувајќи се на извори во иранскиот здравствен систем, пренесоа дека најмалку 210 луѓе починале од вирусот во исламската република. Тоа е повеќе од 6 пати повисока бројка од официјалните податоци на властите во Техеран. СЗО негира и дека актуелни податоци сугерираат дека коронавирусот има веќе статус на глобална пандемија, посочувајќи ја како доказ ситуацијата во Кина, каде властите презедоа силни мерки за ограничување на ширењето на вирусот.

Во целиот свет, повеќе од 80 000 луѓе се заразени со вирусот а од нив починале 2 800-тини луѓе , најголем дел од нив во кинеската провинција Хубеи.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ