СЗО: Тетово еден од најзагадените градови во Европа

Светската здравствена организација го рангираше Тетово на неславно место, како еден од десетте најзагадените градови во Европа. Според нивната студија за 2018 година, тетовци дишат штетни канцерогени честички дури и пред таканаречената сезона на загаден воздух, која започнува од наредниот месец.

На балканот и жителите на градот Тузла во Босна и Херцеговина ја делат истата судбина со тетовци. Во студијата како најголеми причини за високата аерозагаденост во овие два града, се наведуваат употребата на јаглен лигнит во индустријата и домаќинствата ,но и емисијата на штетните гасови од возилата.

Од Центарот за јавно здравје, велат дека во Тетово јаглен лигнит речиси и не се употребува, но дотраените возила и сообраќајниот хаос во градот придонесуваат да дишеме екстремно загаден воздух преку целата година, затоа и градот под Шара често се рангира на непопуларни места.

Месецов тетовци дишат загаден воздух за три пати повеќе од максималните граници. Граѓаните велат дека секој месец во градот никнуваат градби кои ја спречуваат нормалната циркулација на воздухот, а хигиената е на многу ниско ниво, со што допопнително се зголемува аерозагаденоста.

Според Д –р Џавид Фејзули специјалист по хигиена и здравствена екологија, Тетово  во овој период од годината страда и од чадот кој доаѓата од тетовско поле каде несовесни земјоделци палат стрништа и остаток од насобраната реколта.

Тој апелира инспекцијата да излезе на терен да ја санкционира ваквата појава, а во меѓувреме да се засилат инспекциските контроли врз индустриските капацитети но и дивите депонии кои повремено се палат,

Според проценките на Светската здравствена организација во Македонија околу 1.350 лица годишно умираат поради загаден воздух, додека економските трошоци се над 200 милиони евра.

Ваквата статистика очигледно локалната власт не ја загрижува. Општина Тетово не презема конкретни мерки за намалување на аерозагаденоста. Напротив, директно со своите постапки придонесуваат за зголемување на концентрацијата на штетните ПМ10 честички во воздухот. На претоварната станица кај тетовски Требош се уште има купишта смет кои се таложат на земја. Мини диви депонии има низ Тетово поради нередовно собирање на сметот, а низ градот постојано се разнесува прашина од самите улици и тротоари кои не се мијат редовно.

Зоран Димовски

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ