
Свиркачот Лазаревски недостапен по сведочењето на Верушевски, партиите стандардно со препукување
Како стигнале снимките од серверите на УБК до седиштето на Бихаќка е прашањето кое се поставува по вчерашното сведочење на Зоран Верушевски во кое тој речиси целосно се огради од прислушуваниот материјал.
Клучните луѓе во процесот на изнесувањето на „бомбите“, доставувањето и нивното преслушување, сортирање и објавување денеска недостапни. Свиркачот Лазаревски е недостапен на неговиот мобилен телефон, премиерот Заев е во САД, Верушевски без дополнување и објаснување на кажаното – што точно е „страотна модификација“.
Единствено од кабинетот на поранешниот претседател Бранко Црвенковски, кој беше посочен како човекот кој прв ги имал во посед т.н. „бомби“, соопштија дека тој нема да коментира.
„Поранешниот претседател Бранко Црвенковски останува на ставот да не дава изјави за медиумите на која било тема, вклучително и на оваа“
Во недостиг на изјави од инволвираните, партии стапија на сцена и по ова прашање.
За СДСМ нема дилема околу автентичноста на содржината која била докажана со вештачење во странство.
Но по која рута се движеле снимките од серверите во УБК до седиштето во Бихаќка, онаа што ја кажа Лазаревски или онаа на Вершуевски нема прецизен одговор. Единствено дека со снимките ракувал тимот од партијата кој го избрал претседателот Заев.
За ВМРО – ДПМНЕ пак, изјавата на Верушевски е доказ за тоа што тие го тврдат со години, односно дека премиерот Заев бил подготвен на се само да се дограби до власта.
Поранешниот контраразузнавач и шеф на безбедносната политика на СДСМ,Зоран Верушевски, а сегашен советник и близок соработник на премиерот вчера се огради од снимките и од свиркачите Лазаревски и Костовски и кажа дека тие биле „страотно модифицирани и компромотирани“ откако тој бил притворен за случајот „Пуч“.
Тој нагласи дека „бомбите“ однонсо „документацијата“ како што тој ја нарекуваше биле носени директно во СДСМ а не кај него.
Со целата документација управувале партиските претседатели кои носеле стратешки одлуки како понатаму. Увид прво имал Црвенковски додека бил лидер а потоа и Заев.
Лазаревски пак тврдеше дека снимките кои тој и Костовски ги изнесуваа од УБК му ги давале на Верушевски кој потоа ги проследувал до партијата.
Огнен Чанчаревиќ