
Светска банка порачува: Без да се искорени корупцијата нема повисок раст
Ако не се искорени корупцијата и не се врати довербата во институциите, Македонија нема да може да оствари повисоки стапки на раст, ниту да отвора работни места. Оваа јасна порака стигна од Светска банка, по комплетна дијагностика за економијата. И покрај доброто рангирање на Дуинг бизнис, земјава уште не успеа да постигне политичка стабилност, отчетност, владеење на правото и спречување на корупцијата. Критики и за бирократијата, се бара и подобрување на судството.
Прашањето на корупцијата треба директно да се надмине. Политичката нестабилност, недовербата на граѓаните во институциите и корупцијата влијаат врз растот и врз креирањето на работните места, и ако не ги решиме овие прашања, нема да можете да растете побрзо, одржливо и инклузивно, вели Марко Хернандез од Светска банка.
Без стапки на раст од најмалку 5 отсто, уште долго ќе каскаме зад европскиот стандард.
Од 2000 година па досега, просечната стапка на раст во Македонија е 2,8 отсто годишно. Ако продолжите со оваа стапка, едно дете родено сега ќе треба да наполни дури 75 години додека земјата се приближи кон стапката на приходи на Европската унија. Но ако стапките на раст се зголемат на 5 отсто, истото тоа дете ќе има 30 години кога ќе се постигне оваа цел. Затоа треба да се создадат услови за забрзан раст, вели Марко Мантованели од Светска банка.
Македонија сега е општество на граѓани со средни приходи, но факт е дека 25 отсто од населението се уште живее во сиромаштија.
Да потврдам, во моментов една четвртина од населението жиовее во сиромаштија, тоа е компатибилно со бројките од Државниот завод за статистика. Светска банка ја класифицира сиромаштијата како домаќинства кои живеат со под 5 долари на ден, тоа е компатибилно со меѓународните одредници кои ги користиме, вели Марко Хернандез од Светска банка.
Земјава има добар потенцијал за раст, и може да стане општество со високи приходи, светските банкари порачуваат да се искористи овој историски момент – за влез во НАТО и Европската унија. Мора да се осигура поголема продуктивност и конкурентност на приватниот сектор, сега извезуваат само 5 отсто од нашите фирми. Населението да добие подобри вештини, потребни се итни реформи во образованието. За невработените перспективите не се сјајни, 80 отсто бараат работа повеќе од една година, а над 70 проценти немаат никакво работно искуство. Нискиот наталитет и иселувањето ја намалуваат работната сила. Порака од банката – јавните пари и задолжувањата да не се трошат непродуктивно, клучни се реформи за одржливост на пензискиот систем. Се бара подобра наплата на сите даноци, но и вложување во животната средина.
Нина Нинеска-Фиданоска