Суштината на обвинението за „Крвавиот четврток“ не се менува, ќе фалат само амнестираните

Нема измени во обвинението кои ќе ја променат суштината на делото за кое се товарат обвинетите во предметот за „Крвавиот четврток“. Со ова и делото теросристичко загрозување на уставниот поредок не се менува. Се чека само уште конечната листа на оние кои ќе останат во обвинителна клупа откако петнаесетмина добија амнестија па сега се исклучени од судскиот процес.

Обвинителката Вилма Русковска не прецизираше како точно ќе изгледаат и обвинението и завршните зборови. Извори на Телма пак велат дека секаде каде што ќе се споменуваат имињата на амнестираните, бидејќи нивните дејства се поврзани со оние на неамнестираните, ќе се прецизира дека тие се амнестирани. Се друго ќе остане исто.

Од Кривичниот суд за Телма велат дека само решението за еден од 13-темина кои ги добија негативните решенија не е конечно. Тоа е за Абдулфета Алими, кој побарал да има јавна седница, Апелациониот суд не успеал да ја одржи во петокот па ја закажа за денес. Со ова се пролонгираше и денешното рочиште на кое конечно требаше да се слушнат завршните зборови на обвинителството.

Следното рочиште е закажано за 31 јануари за кога се поизвесно е дека во обвинението ќе останат 18-мина кои или не добија амнестија, или пак самите не побараа. Вкупно првично беа обвинети 33-ца но со Законот за амнестија без пресуда од затвор куртулија пратениците, дел од организаторите од „За заедничка Македонија“, дел од маскираните и вработените во кабинетот на тогашниот претседавач Трајко Вељановски.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ