
Судско-медиумскиот совет: Да не се повтори бришење на снимки од медиуми
Судско медиумскиот совет изрази незадоволство поради вчерашното бришењето на снимки од телевизиска камера . Како што стои во известувањето и покрај уредно добиените дозволи од Врховниот суд за снимање а по налог на обвинителката Ивана Трајчева еден дел од судската полиција постапила надвор од законските овластувања да прегледува и брише снимки од камерите, со образложение дека на нив ја има во кадар обвинителката.
”Во духот на добрата соработка и заложбите на Советот кон подобрувањето на транспарентноста на судството кон граѓаните, Судско медумскиот совет бара од Основен суд Скопје1 и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, да не дозоволат ваквата ситуација да се повтори. Потсетуваме дека, исто како и обвинетите и обвинителката е странка во постапката и ја претставува институцијата од која доаѓа, а Судската полиција е одговорна за обезбедување на судот и чување на редот во судницата, а не е надлежна да диктира што од главната расправа смее да се снима т.е. фотографира. Снимањето инсерти од судењето не е поради личната желба на новинарите, туку е дел од нивниот професионален ангажман” стои во известувањето на Судско медиумскиот совет.
По реакциите, на денешното рочиште обвинителката Трајчева дозволи да биде снимена од медиумите.