
Судскиот совет не најде пропусти во Кривичниот суд за бегството на Груевски
Судијата за извршување на санкции, кој го подготвуваше упатниот акт за затворската казна на експремиерот Груевски, постапил професионално и со исклучителна итност. Ова го констатирала работна група составена од три члена на Судскиот совет откако вчера го посетиле Кривичниот суд и извршиле увид во предметот. Во продолжение го објавуваме целото соопштение од Судскиот Совет
Судскиот совет на Република Македонија формира Работна група која изврши работна посета во Основниот суд Скопје 1 Скопје на ден 11.12.2018 година во 11,00 часот во состав од: Сашко Георгиев, Шемседин Јусуфи и Беким Реџепи, членови на Советот и Весна Толева, државен советник во Судскиот совет на РМ. Во рамките на работната посета од страна на Работната група извршен е увид во предметот КУИКП бр.1807/18 во Одделот за извршување на санкции при Основниот суд Скопје1 Скопје.
Работната група по извршениот увид во списите на предметот констатира дека по предметот е постапувано со исклучителна итност и исклучително почитување на законските рокови, односно постапувано е професионално и стручно од страна на судијата за извршување на санкции и постапката е спроведена во рамките на законот, односно согласно Законот за извршување на санкции.”