
Судскиот совет ќе расправа за разрешувањата на судиите за случајот со притворот на Кочан
Петмината судии од Врховниот суд на чело со претседателот Јово Вангеловски добиле известување од Судскиот совет дека преставката за нивно разрешување стасала на дневен ред.
Седницата ќе биде закажана откако ќе се исцрпат законските рокови за одговор. Судиите ќе одговараат за одлуката за ослободување од притвор на бизнисменот Сеат Кочан, обвинет во случајот „Труст“ на СЈО.
Предлогот за разрешување е за сите петмина без оглед на фактот кој како гласал. Информациите говорат дека за ослободувањето на Кочан гласале судиите Вангеловски, Ристо Катавеновски и Рахилка Стојковска, додека Џемаили Саити и Фаик Аслани биле против.
Саити кој е и претседател на Здружението на судии потврди дека го добил известувањето. Не сакаше да говори за начинот на гласање. Сите аргументи ќе ги каже на седницата на Судскиот совет.
Барањето за разрешување го покрена Советот за утврдување на факти по поднесената преставка на Здружението „Зелена лупа“ со цел да се утврди дали судиите постапиле нестручно и несовесно.
По укинувањето на Советот за факти, оваа обврска ја презеде Судскиот совет. Кочан беше обвинет за добивање противзаконски тендер, со лажна документација. По одлуката на петчлениот совет на Врховниот суд за укинувањето на притворот, Кочан ја напушти државата и беше повеќе од два месеца недостапен за полицијата. Досега, за овој случај нема одговорност за ниту еден судија.
Јулијана Пешевска