Судски рочишта за „Tенк“ и „Tарифа“

Во Кривичниот суд за денеска се закажани рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тенк“ и „Тарифа“.

Во предметот „Тенк” обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, за набавката на луксузниот мерцедес од 600.000 евра.

Според обвинението, во 2012 година Груевски искористувајќи ја службената положба побарал од Јанкулоска, да купи ново блиндирано патничко моторно возило „мерцедес“, модел „с-600 гард“, а во постапката бил фаворизиран генералниот застапник и дистрибутер на возилата од брендот „мерцедес“.

Јанкулоска за да го исполни барањето, пак, го поттикнала обвинетиот помошник-министер Ѓоко Поповски да стори кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.

За денеска е закажано рочиште и за предметот „Тарифа“, во кој се обвинети поранешниот генерален директор на АС „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште други две лица. Тие се товарат за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ