
Судската администрација бара еднакви додатоци на плати со судиите
Судиите, членови на Судскиот буџетски совет, носат одлуки во нивна корист од кои сме револтирани, велат од Синдикатот на УПОЗ и на Здружението на судска администрација, во врска со двете одлуки на Советот, донесени во септември и на 1 ноември,годинава, со кои додатокот на плати на судиите е зголемен за 10 %, во однос на додатокот на плати на судските службеници кој порасна за само 5 %, а техничкиот персонал воопшто не добил покачување. Од Здружението на судска администрација велат дека одлуките се донесени без критериуми.
- Отсуствува критериум , врз однова на кој една категорија на вработени во судовите се одделува од останатите вработени., вели Сашо Темелковски-претседател на Здружение на судска администрација
Сегашната ситуација наликува на несреќното решение од 2016 година кога Судскиот буџетски совет им ги запре платите на службениците кои штрајкуваа во месеците мај и јуни, без донесено решение, со што се обезвреднува судската служба, наспроти стратешката определба на државата за реформи во оваа област, дополни Темелковски. Од Синдикатот на УПОЗ упатија три барања.
- 1. Корекција на одлуките за додатоците на плата, за месеците септември и октомври. 2. Итно донесување на правилникот за судска полиција, односно правилникот за додаток на плата на судската полиција во висок ризик. 3. Конечна исплата на задржаните пари за време на штрајкот , на сите категории вработени, вели Трпе Дејаноски- генерален секретар на УПОЗ.
Од Синдикатот на УПОЗ велат дека од Судскиот буџетски совет, одлуката за покачување на додатоците на плата за 5 % ја правдале со зголемувањето за исто толку проценти на платите во државната администрација, а за 10% за судиите, со тоа што кај нив немало покачувања. Не треба судската да се рамни со државната администрација и потребни се измени на Законот за судска служба, дополнија од Синдикатот на УПОЗ. Од Судскиот буџетски совет, кусо соопштија дека денеска одржале седница на која донеле одлука за одлагање на извршувањето на одлуката за исплата на додатоци на плати. Од Синдикатот на УПОЗ и на Здружението на судска администрација бараат додатоците на плати да растат линеарно за сите вработени. Доколу Советот не го исполни ова барање, следната недела ќе се одржи протекст низ судовите во државата, а Синдикатот размислува и за други форми на бојкот, како бел штрајк и протести на работните места.
Сотир Трајковски