Судот не виде кривично дело за викендичката на Латас во Зелениково

Судијката ги ослободи од вина за бесправно градење за што им се закажнуваше од 3 до 8 години затвор, новинарот Драган Павловиќ Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан. Трошоците за судењето ќе се покријат од државниот буџет. Како суштествено за ваквата одлука Марија Клетничка Марковска го наведе тоа дека во 2011 и 2012 додека се граделе викендичките во Зелениково, ниту граѓани пријавиле, ниту инспектори констаритале дека куќите се дивоградби.

-Никој во државата не преземал било какви мерки додека се граделе предметните објекти, а во смисла на тоа дека се констатирани дивоградби, ниту пак било донесено решение за отстранување на градбата“, рече Марија Клетничка – Марковска, судија.

Судијката образложуваше прописи на кои ја базира одлуката а посочи и дека не можела да го занемари законот за легализација со кој се покажува односот на државата кон дивоградбите. Во ситуација кога веќе постојат одобренија за градба, платени комуналии а објектите биле внесени во катастар, посочи и дека се водела од правото на сопственост како уставно загарантирано право.

Пресудата во судница ја слушаа Латас и неговиот брат Срѓан. На крај одбраната и се заблагодари на судијката а Латас излезе насмеан.

СЈО не е задоволно и ќе се жали. Тоа што институциите не реагирале не значи дека куќите не биле дивоградби рече обвнителката Елизабета Јосифовска.

-Во моментов можам да кажам дека во овој случај не е спроведена постапката за легализација, што го констатираше и самиот суд. Се работи за една процедува којашто согласно законските прописи требало да тече на поинаков начин. Најпрво се вади одобрение за градење, потоа се почнува со градба. Мислам дека и судот констатира дека во одреден период се градело без одобрение. Тоа што не реагирале соодветните институции не е основ за исклучување на кривичната одговорност на обвинетите кои беа во овој процес, рече Јосифовска.

Според обвинението за „Тревник“, тројцата браќа започнале да ги градат куќите во втората половина на 2011 а побарале одобренија речиси година ипол подоцна. Ова е прв предмет на СЈО кој завршува со ослободителна пресуда за сите обвинети. Претходно ослободен од вина беше Сафет Ватиќ од предметот „Труст“. СЈО го гони Драган Павловиќ и во предметот „Тотал“ за даночно затајување.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ