Судот не го прифати барањето за притвор на поранешниот директор на централниот регистар, Андреа Поповски

Основниот суд Скопје 1 денеска го одби барањето на јавното обвинителство за притвор на поранешниот директор на Централниот регистар, Андреа Поповски.

Неговиот адвокат, во изјавата за Телма, потврди дека судот не го одобрил притворот но не сакаше повеќе да коментира за процесот против својот клиент.

Поповски, кој како кадар на ВМРО-ДПМНЕ раководел со централниот регистар,е осомничен дека  со пречекорување на своето службено овластување, усно наредил во периодот од 16.12.2014 до 29.05.2017 една вработена да биде евидентирана како редовно присутна на работа во месечните листи кои ги изготвувало Одделението за човечки ресурси, иако бил свесен дека цело време вработената воопшто нема да доаѓа на работа, туку ќе биде ангажирана за партиски активности на една политичка партија. Спротивно на законските акти и правилниците на Централниот регистар, на вработената на тој начин неосновано и била исплаќана плата и придонеси на плата, со што била нанесена значителна штета на буџетот на институцијата.

Останатите четворица вработени, од кои тројца од Одделението за човечки ресурси на Централниот регистар и едно одговорно лице за работењето на Регионалната регистрациона канцеларија – Скопје, се осомничени дека со умисла му помогнале на в.д. директорот во извршувањето на кривичното дело.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ